Роџер имаше проблеми со грбот, но повредата не ја обвини како причина за поразот

Роџер Федерер е елиминиран од Отвореното првенство на САД, иако Швајцарецот имаше водство од 2:1 во сетови. Григор Димитров во претходните седум меча против Федерер си заминуваше како поразен, но бугарскиот тенисер овојпат успеа да направи подвиг и да се радува на пласман во полуфиналето на Гренд слем турнирот во Њујорк.

Пред почетокот на решавачкиот петти сет, Федерер побара пауза за медицинска помош поради болки во горниот дел од грбот. Сепак, Швајцарецот изјави дека повредата не е причина за неговиот пораз.

„Многу сум разочаран затоа што загубив. Играв добро, а сепак на крајот бев поразен. Пропуштив голема шанса, водев со 2:1 во сетови. Имав болки во грбот, но се надевав дека ќе го победам Григор и потоа со два дена одмор ќе се вратев во потребниот ритам. Чувствував болки во текот на целиот меч, но можев да играм. Моја вина е што не победив. Можев да играм, но ова едноставно беше момент на Димитров. Разочаран сум што загубив на ваков начин“, рече Федерер по мечот.

За Димитров ова е најдобар пласман во кариерата на Отвореното првенство на САД.

 

- Оглас -

Најнови вести