Брендан Роџерс се чуди кое е тоа натпреварување Конференциска лига во кое неговиот Лестер ќе треба да продолжи, после елиминацијата од Лига Европа, а Лисиците ги „дотепа“ легендата Гери Линекер со сеирџиска објава на „Твитер“.
Лестер не можеше да го запре Елиф Елмас и загуби од Наполи со 2-3, со што за премиерлигашот заврши учеството во ЛЕ, и треба да продолжат во најслабото по квалитет клупско натпреварување кое го организира УЕФА.
„Да бидам искрен, не ни знам што натпреварување е тоа Конференциска лига. Бев фокусиран на Лига Европа и на освојување на прво или барем второ место во групата. Наскоро ќе дознаам повеќе за Конференциската лига“ – рече Роџерс, чиј тим можеше да оди понатаму во ЛЕ ако Легија го погодее пеналот во финишот против Спартак Москва.
Шега на сметка на Лисиците испрати Гери Линекер.
„Уште кога бев мало дете, сонував дека Лестер ќе ја освои Конференциската лига. После ова вечерва, остварувањето на сонот е чекор поблиску“ – порача Линекер синоќа.