Фудбалската репрезентација на Шпанија по рекорден четврти пат стана европски првак. Во финалето, кое се играше во Берлин, Црвената фурија со 2:1 ја победи Англија, а еден од хероите во финалето е Нико Вилијамс. Тоа е фудбалерот кој го постигна голот за водство на Шпанија од 1:0.
Освен голот во финалето, Вилијамс беше одличен и на претходните дуели и тој со 22 години потврдува дека е иднината и еден од лидерите на националниот тим во следните 10-тина години.
Неверојатна е животната приказна на семејството на Нико, кое потекнува од Гана. Во 1994 година, неговите родители босоноги пешачеле низ пустината Сахара, каде што температурата на песокот достигнувала и до 50 степени. Неговата мајка решила да оди на толку тежок пат и тоа додека била трудна со Инјаки, постариот брат на Нико.
Кога бегалците од Гана пристигнале до шпанската територија Мелиља, биле сопрени и требло да бидат депортирани. Тогаш еден тамошен адвокат ги советувал да излажат и да кажат дека доаѓаат од земја во која има војна. Така и направиле. Кажале дека доаѓаат од Либерија, па им било дозволено да останат и стигнале до Билбао. Останатото е историја.
Нико Вилијамс е еден од главните играчи во тимот на Атлетик Билбао и токму поради тие негови игри, во 2022 година доби повик да заигра за Шпанија, во чиј дрес веќе има 20 настапи, а од синоќа може да се пофали и со медал на своите гради наменет за освојувачите на европската титула.