Родриго Ернандес, освојувачот на Златната топка за 2024 година и клучен играч на Манчестер сити, не ја исклучи можноста за трансфер во Реал Мадрид.
Родри не ја крие својата желба еден ден да се врати во шпанскиот фудбал.
„Дали би сакал повторно да играм во Шпанија и во Ла Лига во Мадрид? Би сакал да се вратам, да. Тоа што играв за Атлетико Мадрид не ме спречува да играм за Реал Мадрид, има и други играчи кои го поминале тој пат. Не директно, туку со текот на времето. Не можете да ги одбиете најдобрите клубови во светот“, рече 29-годишниот шпански играч за врска во гостување во емисија на радиото „Онда Серо“.
Родри има договор со Сити до 2027 година, па летово може да биде продаден бидејќи ако си оди во 2027, Сити не би заработил ништо и Шпанецот би заминал како слободен играч. Еден од проблемите за трансфер на Родри во Реал се спомнуваше и играњето во ист тим со Винисиус, по случувањата при прогласувањето на Златната топка пред две години.
„Мислам дека сакаа да нè стават мене и Винисиус еден против друг. Имам голема почит кон него, за сè што направи таа година… на крајот, други луѓе, трети страни се тие што одлучуваат кој ќе ја освои Златната топка. Не знаев дека ќе ја освојам наградата. Со Златната топка, многу работи се менуваат, но она што се обидувам да го направам е да не дозволам таа да ме промени мене. Нетипичен фудбалер сум, немам социјални мрежи, немам тетоважи…“, вели Родри.

