Кубанецот Хансер Микел Родригес е четвртото засилување за Вардар за новата сезона. Младиот 21-годишен ракометар потпиша двегодишен договор со Црвено-црните, и ќе биде вториот Кубанец што ќе игра во Вардар. Пред него, Црвено-црниот дрес го носеше Јоел Куни Моралес.
Родригес беше прогласен за МВП, на последниот шампионат за земји во развој на кој Куба стана првак. Родригес беше петти стрелец на шампионатот и успеа да постигне 27 гола од 34 удари.
Иако е млад, тој веќе неколку години игра во Европа, на 18 години од Куба се пресели во Португалија каде играше за Спортинг Лисабон со кого играше во Лигата на Европа, а потоа го носеше дресот и на Портимоненсе и на Брага.
За првиот и вториот тим на Спортинг има одиграно 27 натпревари и постигна 63 погодоци, додека за Брага минатата сезона на 28 меча даде 86 гола.
Кубанецот е четвртото официјално засилување за клубот досега, и тој веќе напорно работи на тренинзите со останатите играчи под водство на тренерот Владо Недановски.