Големите римски ривали, Рома и Лацио, со победи го затворија колото во италијанската Серија А. Римската волчица минимално со 1-0 го победи Торино на „Олимпико“ и барем привремено го спаси од отказ тренерот Иван Јуриќ.
Стрелец на голот што значеше победа и три бода за Рома беше Пауло Дибала во 20-тата минута. Рома со оваа победа стигна до 13 бода, со кои се искачи на 10-тата позиција, со бод помалку од вечерашниов ривал.
За разлика од Рома, втората екипа од Рим која настапи вечерва, Лацио, со убедливи 1-5 го декласира Комо на гостински терен. Кастеланос од пенал во 28-мата минута го отвори резултатот, а Педро само три минути подоцна зголеми на 0-2 за Лацио.
Домашните намалија во 53-тата минута преку Мацители, а на крајот на мечот за Лацио погодуваа Патрик, Кастеланос и Чауна. Лацио со оваа победа дојде до 19 бода, колку што имаат и Аталанта и Фиорентина на делбата од третата до петтата позиција.