Сопственикот на Рома, Ден Фридкин, бил многу налутен после синоќешниот дебакл од 2-6 на „Олд Трафорд“ против Манчестер јунајтед во полуфиналето на Лига Европа, а има и многумина кои го советуваат веднаш да му врачи отказ на тренерот Пауло Фонсека.
Денеска Фридкин ќе се сретне со Бордот на директори на Рома и ќе решаваат што понатаму. Не е исклучена можноста Фонсека наскоро да добие отказ, и некој друг тренер да ја води Волчицата на реваншот во Рим и до крајот на сезонава. Се шпекулира дека главен кандидат за тренер на Рома за следната сезона е Маурицио Сари.
Рома е на 24 бода зад лидерот Интер во Серија А, дури 11 бода заостанува зад четврото место кое води во Лигата на шампионите, а катастрофата во второто полувреме синоќа против Црвените ѓаволи е последен чекор кој дефинитивно значи заминување на тренерот. Останува само да се види дали ќе остане до крајот на сезонава или веднаш ќе треба да замине.