Чартер-летот со кој фудбалерите на Рома попладнево требаше да одлетаат во Севилја е откажан и тимот остана дома. Севилја не е меѓу загрозените градови, но во Шпанија има забрана за летови од Италија и римската Волчица не доби специјална дозвола од шпанската Влада да отпатува во Севилја. Клубовите се во контакт со УЕФА и се бара излез од овој ќор-сокак во кој се најдоа.
Исто така и екипата на Хетафе од Мадрид не замина во Милано, каде што требаше да игра без публика против Интер. Од Хетафе најавија дека нема да одат во Милано, макар и по цена да бидат елиминирани со службен резултат.
Во Италија има прекин на првенството и можеби ќе се одлучи следниот четврток да се играат првите средби од овие два шпанско-италијански дуели.