Победата на Романија над Косово од 88:83 значи дека и триумф на Македонија во недела, во Гевгелија против Косово, за „црвено-жолтите“ нема да значи дефинитивно освојување на првото место во групата од претквалификациите за Евробаскетот 2021.
Нашиот национален тим ќе мора да почека до февруари, кога гостуваме кај Романија, а Романците треба да играат во Косово, за потврда на првата позиција во групата и пласман меѓу 32-те најдобри во Европа кои ќе играат квалификации.
Натурализираниот романски плејмејкер, Џордан Вотсон, имаше мирна рака од линијата за слободни фрлања во финишот кога косовските кошаркари го фаулираа со надеж дека во пенал-завршницата може да направат чудо. Вотсон беше вистински лидер на Романците кои настапија без своите најдобри високи играчи Каце и Молдовеану. Американецот со романски пасош даде 19 поени и погоди 10 слободни фрлања од 10 обиди. Романците погодија дури 15 тројки.
Кај Косово, кој е наш гостин во недела, се истакнаа тројца играчи. Шоши даде 29, Бериша 24, а Гезим Морина 22 поени. Но, како да играа само тие тројца, другите немаа никаков придонес. Проблем за Косово е што не настапи нивниот натурализиран играч Армстед, кој најверојатно нема да игра ниту против Македонија.