„Романтично“ е во Струга: Работнички и дефинитивно е пролетен хит!

Фудбалерите на Работнички продолжуваат со одличните игри пролетва и дефинитивно се хит во продолжението од првенството. „Романтичарите“ славеа со 1-2 на гостувањето кај поранешниот шампион на Македонија, Струга, и на тој начин продолжија со одличните игри.

Јован Попзлатанов во 14-тата минута изненадувачки донесе водство за Работнички, откако една недефинирана топка заврши во мрежата на голманот на Струга, Ангелети.

Стружани долго се обидуваа да се вратат резултатски, промашија низа шанси, а несовладлива пречна беше голманот на „романтичарите“, Ондоа.

Сепак, Струга успеа да израмни во 49-тата минута преку Христијан Малески од пенал, а кога сите очекуваа комплетен пресврт и победа на фаворитот, се случи „студен туш“ крај езерото.

18-годишниот Аритон Мехмед во 85-тата минута се најде на вистинското место и во вистинско време, па успеа да донесе големи три бода за Работнички во борбата за опстанок.

На табелата по 25 првенствени кола во водство е Вардар со 61 бод, пред Шкендија со 58 и Струга со 53. Вистинска мешаница има на дното, бидејќи освен испаднатиот Шкупи, во игра за избегнување на најлошото се неколку екипи.

Македонија ЃП е 11-та со 23 бода, по два повеќе имаат Работнички и Пелистер, додека Арсими со 29 поени е на осмата позиција.

- Оглас -

Најнови вести