Романците бесни: И нас на првиот меч нѐ нарекуваа „цигани“, па не заминавме од теренот

На натпреварот во Лигата на нации меѓу Романија и Косово во Букурешт, гостинскиот тим го напушти теренот во судиското продолжение поради повиците „Косово е Србија“, „Србија, Србија“…


Тие не се вратија на теренот, па сега за натпреварот ќе одлучува УЕФА.

Како што истакна капитенот на Косово, Амир Рахмани, судиите не реагирале на постојаното непочитување од навивачите.

„Константно викаа „Косово е Србија“. Тоа се случуваше целите 90 минути. Во продолжението почнаа да викаат и други работи, не сакам да ги повторувам бидејќи е срамота. Му реков на судијата првпат, но не направи ништо. Вторпат не сакаше да слушне. По третиот пат му реков дека излегуваме. Навивачите почнаа да викаат уште погласно „Косово е Србија“, па решивме да не излеземе како минатата година“, изјави Рахмани.

Тој имаше порака и до УЕФА.

„УЕФА мора да реши затоа што ние сме фудбалери, тука сме да го претставуваме нашиот народ, нашата земја која има тешка историја. Големата војна однела многу животи, имало масакри. Ова е премногу. Престанете. Сите треба да знаат. Косово е Косово или Косово е Албанија. Тоа е тоа. Тука завршува“, додаде Рахмани.

Капитенот на романската селекција, Разван Марин, го прокоментира инцидентот, нагласувајќи дека ова не му се случило никогаш во кариерата.

„Никогаш не сум доживеал нешто слично. Не сакам ни да размислувам за тоа што направија. Тоа е непочитување кон фудбалот. И ние бевме свиркани, навредувани, нарекувани „цигани“, но не го напуштивме теренот. Дали треба да слушаме што се вика на трибините?“, праша Марин и додаде:

„Нашите навивачи не рекоа ништо, можеби беше само она скандирање „Србија, Србија“, но тоа траеше 20 секунди. Тие провоцираа, веројатно виделе дека не можат да победат. Очекуваа нешто вакво за да создадат сцена. Не се нервирам за такви лица, не заслужуваат. Треба да бидат позрели и попаметни. Кога нè нарекуваат „цигани“, зарем тоа не е расизам? Тоа е грдо и навредливо.“

- Оглас -

Најнови вести