Дуелот на Романија и Словачка ќе се следи со особено внимание, затоа што можен е „бисквит“, како што е популарниот израз за резултат кој им одговара на двата тима.
Со нерешено, и Романија и Словачка би се пласирале во осминафиналето на ЕП, и тоа го прави овој меч сомнителен дека може да падне договор да одиграат реми.
Романците тврдат дека ќе одат на победа, иако и нерешено би им завршило работа. Никој нема да признае дека би потпишале нерешено. Сепак за нив многу поповолна варијанта е да бидат први во групата, тоа им носи осминафинале со Словенија или Холандија. Ако бидат втори, ги чека Франција, а доколку одат понатаму како трети, ќе играат со Шпанија или Англија.
„Не можеме да контролираме што зборуваат луѓето, но целосно сме фокусирани на натпреварот. Играме за пласман во нокаут фазата и сакаме да завршиме први, доколку ја освоиме групата, барем теоретски, имаме одредена предност, дополнителни денови за одмор и евентуално послаб противник. Најважно е да се квалификуваме, тоа е нашата цел“, изјави селекторот Едвард Јорданеску.
Словаците ги предводи селектор Италијанец, Франческо Калцона, а тој најави дека Словачка ќе продолжи со истиот стил на игра како досега, па што биде нека биде.
„Ние имаме свој стил на игра. Ќе продолжиме на ист начин против Романија, која е исклучително физичка репрезентација, но и тактички е силна. Не сакам да зборувам за само еден од нивните играчи, се плашам од Романија како тим. Никој нема да ни даде ништо едноставно туку така. Се надеваме на победа, но ако на крај ремито ни дозволи да продолжиме напред, ќе го прифатиме“, кажа Калцона.