Романците имаат неколку алтернативи како и кога да го продолжат прекинатото фудбалско првенство во услови на пандемија со Ковид-19, а една од опциите е да се заврши сезоната во друга земја.
Анталија е местото каде што сите романски прволигаши би пристигнале во јуни и би се доиграле плејофот за титулата и плејаутот за испаѓање од Првата лига.
Сепак конечната одлука е најавена за 15 мај, кога би требало да се знае моделот за продолжување на сезоната и точните датуми.
Дел од прволигашите се спротивставија на идејата шампионатот да се доигра во Турција, иако е најавено дека тоа е последна опција.
„Турција останува како последна варијанта за нас. Тоа би ни направило финансиски проблеми во ситуација што и сега е тешка за романските клубови. Би имало и проблем со патувањето на играчите и сите луѓе што се неопходни за да се организираат и одиграат натпреварите. Според нас, најдобра опција е секој клуб да се погрижи за максимални услови на своите стадиони за да се доигра сезоната“, изјавија од таборот на Сепси.
Има опција и сите натпревари да се одиграат во главниот романски град Букурешт и во неговата околина на неколку стадиони.