Романците се тотално разочарани од ремито без голови против Исланд и признаваат дека шансите за настап во дополнителните баражи за настап на Мундијалот во Катар сега се само теоретски.
Македонија доби подарок од Исланд вечерва во Букурешт и сега треба само да ги победи Рибарите во последното коло во недела за да доигрува за настап на прво Светско првенство откако сме независна држава.
„Ова е неверојатно. За 90 минути сè ни се лизна од раце. Имавме зицер и не успеавме, па сега шансите реално ни се минимални. Ќе навиваме за Исланд, но ни останува само теорија за настап во Катар“, пишуваат новинарите на романски „Проспорт“.
Исланд одигра како по ноти за Македонија, но сè уште ништо не е завршено и треба да ги победимe токму нив за да го задржиме второто место во Ј групата.
Toa гарантира бараж-мечеви со останатите второпласирани селекции, односно со две од нив за да испишеме историја и сефте настап на Мундијалите.
Пред стартот на последното коло во Ј групата, Германија е сигурен учесник на Светското првнство, а Македонија е втора со 15 бода, еден повеќе од Романија во трката на двете селекции за позицијата со број 2 што води во дополнителните баражи.
Романија игра со Лихтенштајн во Вадуз, но не им помага ниту победа ако ние го совладаме Исланд.
Мечот со нашиот последен ривал во Ј групата се игра во недела од 18 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.