Легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо како играч на Барселона се радуваше на титулата во Лигата на шампионите во 2006 година. Роналдињо остана на „Камп ноу“ до 2008 година, а потоа направи трансфер во Милан, каде што играше до 2011 година, а потоа се врати во Бразил, каде што ја заврши кариерата.
Бразилецот открива дека денеска не следи многу фудбал, но дека кога ќе најде слободно време, знае да погледне некој добар меч. Откри дека најмногу сака да гледа мечеви од Лигата на шампионите, а интересно е што за оваа сезона тој има неочекуван фаворит.
„Зошто Тотенхем да не може да ја освои Лигата на шампиони? Затоа што никогаш досега не биле шампиони и немаат некоја традиција и историја во ова натпреварување? Тоа се глупости. Верувам дека тие може да играат до крајот сезонава. Против Манчестер сити покажаа дека се квалитетни. Знам дека многумина ќе помислат дека ќе типувам на Барселона за фаворит за трофејот, но овојпат мојот избор е Тотенхем. Ја сакам Барселона, верувам во нив, но овојпат очекувам да има големо изненадување“, вели Роналдињо.
Тотенхем утревечер ќе гостува кај Манчестер сити во реванш-мечот од четвртфиналето. Лондонскиот тим има предност од 1-0 по првата средба одиграна на свој терен.
Коментарите се затворени.