Поранешниот бразилски фудбалер Роналдињо пред околу две недели беше пуштен од парагвајскиот затвор, каде што беше заедно со брат му Роберто, а сега се во домашен притвор во хотел во главниот град на Парагвај, Асунсион, и некогаш најдобриот фудбалер на светот го даде првото интервју.
Роналдињо и Роберто беа уапсени поради влез во Парагвај со фалсификувани пасоши. По еден месец во притвор, откако беше платена гаранција од 1,6 милиони долари, легендата замина во домашен притвор, и тоа во луксузниот хотел „Палмагора“.
„Влегувањето во затвор беше тежок удар за мене. Никогаш не сум си замислувал дека ќе се најдам во ваква ситуација. Верувам во Господ, секогаш му се обраќам со молитви и нештата ќе завршат добро. Се надевам дека ова ќе заврши наскоро. Целта на посетата беше да присуствуваме на отворањето на онлајн казино и за промоција на книга организирана од бразилска фирма” вели Роналдињо.
„Бевме многу изненадани кога ни кажаа дека документите се фалсификувани. Сакаме да се расчисти ситуацијата, соработуваме со судот. Инаку, од првиот ден чувствувам топлина, љубов и почит од Парагвајците, многу сум им благодарен. И во затвор добро бев примен, игравме фудбал, потпишував автограми, се сликавме. Сакам да ја бакнам мајка ми, таа мина низ тешки денови од почетокот на пандемијата”, рече Роналдињо.