Кристијано Роналдо веќе неколку дена бојкотира и поради тоа не го одигра ни вчерашниот меч на Ал-Наср против Ал-Итихад во саудиското првенство. Португалската ѕвезда бојкотира поради фактот што неговиот тим не донесе ниедно засилување, додека нивните ривали значително се засилија со нови фудбалери.
Веќе три години Роналдо е во Ал-Наср, но уште нема освоено ниту една титула. Сезонава, Ал-Наср е во борба за шампионскиот пехар во првенството. По 20 кола, Ал-Наср е втор на табелата со 49 бодови, само еден помалку од лидерот Ал-Хилал.

Иако не беше на теренот, Роналдо повторно беше „главен“. Навивачите дадоа целосна поддршка кон најдобриот играч во нивниот тим. Во седмата минута од средбата, навивачите низ целиот стадион подигнаа картони со бројот 7 давајќи поддршка за Роналдо кој го носи токму бројот 7 во Ал-Наср.
Синоќа, Ал-Наср на свој терен со 2:0 го победи Ал-Итихад и тоа со два гола во финишот на средбата. Во 85 минута Садио Мане даде гол од пенал за водство од 1:0, а во последните моменти од средбата, Анџело погоди за 2:0, потврдувајќи ја победата.
Анџело реши да прослави во стилот на Роналдо правејќи го препознатливото „сиуууу“, што е само потврда дека и соиграчите на Португалецот му дадоа поддршка.

