Роналдо дојде во Јуве и за првпат по девет години нема да игра во полуфиналето од ЛШ

Јувентус останува и оваа сезона да се радува само на успесите во Италија. „Старата дама“ осми пат по ред ќе биде првак на својата земја, но и сезонава извиси во Лигата на шампионите. Најтрофејниот италијански клуб вечерва не можеше да се носи ниту со фаворитската улога против Ајакс, па во Торино загуби со 2-1 и е елиминиран во четвртфиналето.

Пред почетокот на сезоната, Јувентус дури го донесе и Кристијано Роналдо, човекот кој има пет титули во ЛШ. Со Роналдо во составот, „црно-белите“ веруваа дека ги имаат сите коцки склопено за да стигнат до еврпскиот трон. Сепак, не било така.

Роналдо покажа дека е играч од висока класа. И вечерва даде гол против Ајакс, но тој не беше доволен за конечна радост.Неверојатен е фактот дека Роналдо е единствениот играч кој даваше голови за Јувентус во нокаут-фазата. Против Атлетико Мадрид, Јувентус на гости загуби со 2-0, а потоа Португалецот даде хет-трик во Торино за влез во четвртфиналето.

Против Ајакс во Амстердам, Роналдо погоди во ремито 1-1, а и вечерва единствно тој ја затресе мрежата на противникот. Едноставно, за Јувентус не беше доволно само да се доведе Роналдо за да играат во финале на ЛШ. Португалецот не можеше сѐ сам, па затоа и прекинува една убава традиција за него.

За прв пат по 2010 година, Роналдо нема да игра во полуфиналето од Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести