Кристијано Роналдо и на 38 години е вистински лидер на португалската репрезенатција. На синоќешниот дуел против Словачка, Роналдо постигна два гола во победата од 3:2 и со овој триумф неговата селекција се пласираше на завршницата на ЕП 2024.
Со настапот и погодоците против Словачка, Роналдо постави и подобри неколку рекорди. Стигна до бројката од 857 голови во кариерата, од кои 125 се во репрезентативниот дрес на Португалија. За националниот тим веќе има одиграно 202 натпревари. Против Словачка се израдува на рекордната 780 победа во кариерата.
Тоа што синоќа го оствари како рекорд на Роналдо е фактот дека стана првиот фудбалер кој постигнувал барем 100 погодоци во три различни децении. Во 2000-те имаше 206 голови, во 2010-тите застана на бројката од 550 погодоци, а сега во 2020-тите е точно на бројката од 100 голови.
Португалија успеа да обезбеди место на ЕП 2024 година, а ако Роналдо настапи на собирот во Германија следната година ќе биде првиот фудбалер во историјата со учество на шест различни ЕП.