Кристијано Роналдо со игрите во Јувентус веднаш даде свој импакт врз италијанската лига, а според бројот на голови, тој е најефикасниот дебитант во историјата на Серија А. Роналдо има 12 гола во 18-те кола во Калчолигата и дава голем придонес во резултатите на „старата дама“, која ужива во рекордна сезона по бројот на победи и на бодови освоени до Нова година.
Низ историјата на италијанската лига играле многу феноменални фудбалери и напаѓачи, но никој од нив не постигнал толку многу голови во овој период од својата дебитантска сезона.
Габриел Батистута кога дојде во тогаш слабата Фиорентина, во 1991, даде три гола до Нова година, а сезоната ја заврши со 13. Руд Гулит имаше проблеми кога првпат заигра во Италија, за Милан, во 1987 година и во првата полусезона даде само два гола, а заврши со 9. Кака во 2003 дојде во Милан и исто така до Нова година само двапати се запиша во листата на стрелците (на крајот имаше 10).
Диего Марадона, човекот кој на Наполи му ја донесе толку посакуваната прва титула, во Наполи дојде во 1984 година, даде три гола во првата полусезона, завршувајќи со 14. Мишел Платини во 1982 му се придружи на Јувентус и даде четири гола до Божиќ, но потоа се разигра и сезоната ја заврши со 16, доволно за титулата прв стрелец.
Бразилецот Роналдо кога дојде во Интер, стана најскапиот играч во историјата, а до Нова година даде девет гола и сезоната ја заврши со 25. Андриј Шевченко даде седум гола на првите седум меча во Италија кога потпиша за Милан во 1999, а на зимската пауза замина со 10. Сезоната ја заврши со 24 погодоци. Марко ван Бастен имаше проблеми со повредите и во дебитантската сезона играше малку, па даде само три гола.
Џорџ Веа даде 5 гола до Нова година и уште шест до крајот на сезоната во која беше дебитант во Италија. Бразилската легенда Зико во 1983 прејде во Удинезе, даде 9 гола до Нова година, а заврши со 19. Зинедин Зидан во првата сезона во Јуве даде пет гола, од кои три до Нова година.