Кристијано Роналдо повеќе од две децении е дел од репрезентацијата на Португалија и уште има мотив и желба да се натпреварува. Роналдо е светски рекордер по бројот на одиграни натпревари во репрезентативниот дрес (216) и по бројот на постигнати погодоци, вкупно 133. Капитенот на Португалија вели дека не може да ги разбере оние играчи кои брзо се откажуваат од играњето за својата земја.
„Кога дојдов во репрезентацијата, имав само 18 години. Тоа за мене беше остварување на сонот. Дури и по толку многу освоени трофеи и признанија, нема ништо подобро од тоа да играш за репрезентацијата. Да ја претставуваш својата земја, културата… Затоа многу сум разочаран од некои играчи кои не сакаат да играат за Португалија и брзо се откажаа од националниот дрес“, вели Роналдо.
Португалија в петок на свој терен ќе игра против Полска, во меч од петтото коло од Лигата на нациите, а Роналдо треба да го предводи тимот да го осигури првото место во групата. Роналдо најави дека има мисија да ја одведе Португалија на Светското првенство во 2026 година и да биде првиот играч во историјата кој настапил на шест Мундијали.