Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Кристијано Роналдо ги разреши сите дилеми околу тоа дали ќе си замине од Саудиска Арабија. Португалецот беше незадоволен во последните неколку недели, дури и штрајкуваше, по што започнаа шпекулациите дека може да си замине од земјата во која игра веќе четврта година.
По неколку неделно молчење, Роналдо се јави преку социјалните мрежи и упати порака дека воопшто не размислува да си замине од Саудиска Арабија.
„Како што досега кажав многу пати, припаѓам на Саудиска Арабија. Тоа е земјата која ни даде гостопримство на мене, моето семејство и на моите пријатели. Многу сум среќен тука. Мојата одлука е јасна, сакам да продолжам тука“, беше пораката од Роналдо.
View this post on Instagram
Роналдо во Ал-Наср стигна во јануари 2023 година од Манчестер јунајтед и иницираше вистинска „лавина“ кога се работи за доаѓање на фудбалски ѕвезди во шампионатот на Саудиска Арабија.
Португалецот кој неодамна наполни 41 година, синоќа постигна два гола во убедливата победа од 4:0 на Ал-Наср против Ал-Хазем во домашното првенство. Со овој триумф, Ал-Наср се најде на чело на табелата во шампионатот со 55 бодови, еден повеќе од вториот АЛ-Хилал, додека во трка за титулата е и Ал-Ахли со 53 бодови.
Со двата погодоци постигнати синоќа, Роналдо стигна до 962 голови во кариерата, а неверојатен е фактот дека откако наполни 30 години, тој има постигнато дури 501 гол.

