Роналдо и Роналдињо „не можат да се договорат“ кој бил подобар од нив двајца

Бразилците Роналдо и Роналдињо своевремено беа најдобри светски фудбалери, а иако не играа на иста позиција, многумина ги споредуваат и отворена е дилема кој бил подобар.

Како вистински Бразилци, тие сакаа и забави, брз живот, којзнае каде ќе им беше крајот ако внимаваа повеќе на себе и се однесуваа попрофесионално додека играа фудбал.

Роналдо беше незадржлив пред повредите на колената, а блесна и на Мундијалот во 2002, кога беше прв стрелец, иако веќе не беше истиот како порано. Играше и даваше многу голови и по таа 2002 година, но неговите верзии во периодот од 1996 до 2000 година беа нешто најдобро што го видел фудбалот од еден голгетер.

Кога почна падот на Роналдо, тргна патот кон врвот на неговиот сонародник Роналдињо, кој исто така беше магионичар со топката и играше со насмевка на лицето, што го издвојува од останатите ѕвезди, па и тој одбележа една ера.

Позната е анегдотата кога новинар ги праша кој е подобар од нив двајца.

„Роналдињо беше подобар од мене. Ги излудуваше противниците и поради него луѓето се заљубуваа во фудбалот“, рече Роналдо.

Одговорот на Роналдињо беше: „Не, Роналдо беше подобар од мене. Играше со едно колено и никој не можеше да го запре“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести