Кристијано Роналдо неодамна го прослави 901-виот гол во кариерата, а освен што руши рекорди на фудбалските терени, тој руши и неверојатни бројки на социјалните мрежи. Тој е првиот човек кој успеал да ја пробие границата од една милијарда следбеници на социјалните мрежи.
За да ја надмине оваа магична бројка, на Роналдо му помогна и новиот јутјуб-канал, каде што за помалку од еден месец доби над 60 милиони пријатели.
„Испишавме историја – 1 милијарда пријатели! Ова не е само бројка – тоа е доказ за наша заедничка страст, посеветеност, љубов кон играта и повеќе од тоа. Од улица во Мадеира до најголемата светска сцена. Секогаш сум играл за своето семејство, за вас, а сега за сите нас една милијарда заедно. Ова патување е заедничко патување и покажавме дека нема граница за тоа што го постигнуваме. Ви благодарам што верувате во мене, што сте дел од мојот живот. Најдоброто допрва следува. Ќе продолжиме заедно да ги поместуваме границите, да победуваме и да испишуваме историја“, порача Роналдо.
Роналдо на „Инстаграм“ има 639 милиони следбеници, на „Фејсбук“ има 170 милиони, додека на мрежата „Х“ има 113 милиони следбеници. До бројката од една милијарда се надополнува со следбениците кои ги има на кинеските платформи.