Роналдо ја откри тајната за неговиот успех

Португалија и Холандија утре (20:45 часот) ќе ги одмерат сили во финалето од Лигата на нации. На стадионот „Драгао“ во Порто, двете најдобри селекции од сегментот А ќе се борат за прва титула во ова натпреварување, а воедно ќе обезбедат директен пласман на Европското првенство за 2020 година.

До пласманот во финалето, Холандија ја надигра Англија со конечни 3-1 по продолженија, откако победникот не се одлучи во регуларните 90 минути. Португалија пак, со идентичен резултат (3-1) беше подобра од Швајцарија, а трите гола за актуелниот европски шампион ги постигна капитенот Кристијано Роналдо.

Португалецот во средата го постигна 53-от хет-трик во својата кариера за клуб и репрезентација, а во пресрет на финалето против Лаљињата, Роналдо ја откри тајната за неговиот успех.

„Сè е во подготовките и работната етика. Се чувствувам одлично и покрај тоа што имам 34 години. Најважна е менталната подготовка, мора да се биде мотивиран и среќен, а со тоа доаѓа и играта на високо ниво. Имам уште многу да понудам на овој спорт. Исто така дополнителен мотив ми дава и играњето за мојата репрезентација. Кога ќе го облечам дресот на Португалија чувството е многу поразлично во однос на играњето за клуб. Ја претставувам мојата земја во која сум израснал, од каде што потекнуваат моето семејство и пријатели“, изјави Роналдо.

Финалето е предвидено за утре со почеток во 20:45 часот, додека претходно во 15 часот за третото место силите ќе ги одмерат Англија и Швајцарија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести