Кристијано Роналдо денеска ќе го пропушти вториот меч по ред за Ал-Наср поради бојкот. Португалската фудбалска суперѕвезда е револтиран поради начинот на којшто Саудискиот државен инвестициски фонд (ПИФ) се однесува кон клубовите кои се дел од првенството на оваа земја.
Роналдо е убеден дека се фаворизираат останатите клубови, посебно кога се работи за трансферите и дека неговиот Ал-Наср е во подредена состојба. Португалецот е најплатениот фудбалер во светот и според договорот, на дневно ниво заработува 585.000 евра.
На неговата реакција и бојкотот стигна одговор од челниците на Саудиската фудбалска лига, кои му дадоа објаснување како течат работите.
„Саудиската професионална лига се темели на едноставно начело: секој клуб работи независно, под исти правила. Клубовите имаат сопствени управи, директори и спортски менаџмент. Одлуката за засилувања, трошоците и стратегиите ги носат самите тие, во рамките на финансиската рамка смислена да се осигури натпреварувачката рамнотежа. Таа рамка се применува подеднакво во целата лига“, пишува во соопштението од челниците на фудбалската лига во Саудиска Арабија.
Во продолженние на писмото се наведува дека ниту еден поединец, без разлика на неговиот статус, не може да донесе одлука која е надвор од рамките на својот клуб.
„Од своето доаѓање, Кристијано одигра клучна улога за растот и амбициите на Ал-Наср. Како и секој врвен фудбалер, тој сака да победува. Сепак, неодамнештите трансфери покажаа независност на клубовите, секое засилување е резултат на клупска одлука, донесена во рамките на одобрените финансиски параметри“, се додава во соопштението.
Ал-Наср моментно е на третото место со 46 бода од 19 меча, додека лидер е тимот на Ал-Хилал со 50 бода од 20 меча. Втор е тимот на Ал-Ахли со 47 бода од 20 натпревари.

