Роналдо конечно откри зошто го напуштил Реал Мадрид

Петкратниот носител на престижната награда „Златната топка“, Кристијано Роналдо, конечно ја откри причината за неговото заминување од Реал Мадрид. Како што е познато, во 2018 година португалската ѕвезда премина во Јувентус и сега ја сподели мотивацијата зад тој потег.


Тој исто така објасни дали би размислувал за враќање на „Сантијаго Бернабеу“ во некоја друга улога.

„Сакав нова етапа во животот. Мојата етапа беше завршена. Сакав нова мотивација. Не бев исцрпен. Му реков на претседателот Флорентино дека можам да си одам и тој го прифати тоа. Преговаравме, не се однесуваше убаво со мене, но го разбирам бидејќи секогаш така се однесува. Не можев да се повлечам од зборот што му го дадов на Јувентус, но многу го ценам Флорентино, тој е сериозен човек кој беше добар со мене и заедно освоивме многу титули“, изјави Роналдо во интервју за својот добар пријател Еду Агире, емитувано на „Ла Секста“.

„Еден ден можеби ќе се вратам на „Бернабеу“. Не го исклучувам тоа. Таму оставив наследство, добра трага. Можеби, кога ќе ја завршам кариерата, ќе направам нешто убаво пред 80 000 луѓе“, продолжи ѕвездата на Ал-Наср.

Тој истакна и дека Мбапе треба да го следи неговиот пример во Реал, да „научи“ како да игра како „деветка“ и главен реализатор во тимот.

„Позицијата на централен напаѓач му прави проблеми на Мбапе бидејќи според мене, тоа не е неговата позиција. Ако бев во Реал Мадрид, ќе го научев да игра како „деветка“. Ако бев на негово место, ќе играв како Кристијано. Јас не бев напаѓач, но станав таков. Тој ќе им донесе многу радост на навивачите на Реал Мадрид, многу го сакам, не само заради историјата од минатото, кога го сакаше Кристијано и му беше идол, навистина е одличен“, додаде Роналдо.

- Оглас -

Најнови вести