Роналдо лично го побарал Ракитиќ да се пресели во Јувентус

Во пресрет на квалификацискиот дуел за ЕП 2020 меѓу Унгарија и Хрватска, на прес-конференцијата на Коцкастите се појави Иван Ракитиќ. Фудбалерот на Барселона главно го прашуваа околу состојбата во која се наоѓа во редовите на шпанскиот првак отколку за претстојниот дуел против Унгарците.

Како што известија хрватските медиуми, но и како што беше познато, Ракитиќ беше блиску до заминување од „Камп ноу“, а како можни дестинации се истакнаа Јувентус и ПСЖ. Италијанскиот првак бил конкретен во својата намера да го ангажира, дури Ракитиќ добил повик од Кристијано Роналдо да се пресели во Торино, но Барселона поставила превисока цена (околу 50 милиони евра) за одличниот играч за врска и трансферот пропаднал.

Но, и покрај тоа, Ракитиќ посакува да ја прероди кариерата во Барса и вели дека ќе се потруди да му докаже на Валверде дека заслужува да биде меѓу стартните 11.

„Не знам што ќе се случува во иднина. Во тешка и неудобна ситуација сум. Би сакал да играм за Барселона, а не само да бидам дел од тој клуб. Имам договор на уште неколку години, не сакам да ми помине шетајќи низ градот и уживајќи во морето, сакам да играм и ќе се потрудам да ја сменам ситуацијата“, истакна Ракитиќ.

- Оглас -

Најнови вести