Прво утнатиот пенал во продолженијата, а потоа победата на Португалија над Словенија по подобро изведување на пеналите предизвикаа бура од емоции кај 39-годишниот Кристијано Роналдо.
Тој не можеше да ги сокрие солзите по нереализираниот пенал, португалската суперѕвезда по секоја цена сакаше да даде гол и да испише историја, но не му беше денот.
„Фудбалот носи нераскажани моменти. Можев да му дадам предност на мојот тим, но не успеав. На почетокот има тага, а потоа има радост. Една година немав промашено пенал, а кога најмногу ми требаше, Облак ми одбрани. Жал ми беше за навивачите. Најважно е што продолживме понатаму“, рече Роналдо, кој беше и среќен и тажен.
Средбата со Словенците се заврши со среќен крај за Роналдо, даде гол во пенал-серијата, им се извини на фановите за утката и ќе има нова шанса да го постигне својот прв гол на ЕВРО 2024.
„Ни претстои тежок натпревар со Франција, која е еден од фаворитите за титулата. Но, ние ќе се бориме, тимот е во добра состојба. Ова ќе биде моето последно ЕВРО, се разбира. Но, тоа не ми пречи, ентузијазмот е тој што ме движи. Секогаш ќе давам максимум за овој дрес и тоа ќе го правам цел живот“, изјави Роналдо.