Кристијано Роналдо дефинитивно е во голгетерска криза, откако во 11-те натпревари на кои се појави на теренот сезонава, даде само еден гол. Португалецот погоди само против Шериф Тираспољ во Лигата на Европа, додека во Премиер лигата уште се нема израдувано во шесте средби кои ги одигра.
Роналдо синоќа на гости кај Омонија од Никозија го одигра целиот меч, но не успеа да даде гол на кипарскиот ривал, иако имаше неколку добри шанси. Роналдо има голгетерски пост од речиси еден месец, а неговиот следен погодок ќе биде јубилеен.
Тој досега има постигнато 699 погодоци во клупскиот фудбал, што значи следниот гол ќе му биде 700-ти во клупската кариера. На дуелот против Омонија, Роналдо најдобрата шанса ја пропушти кога од неколку метри наместо да погоди во празната мрежа, шутираше во стативата.
Следната шанса за Роналдо може да биде на дуелот против Еветон на гости во Премиер лигата. Најблиску до Роналдо во оваа категорија на погодоци на клупско ниво е Лионел Меси кој има вкупно 691 погодок за Барселона и ПСЖ, единствените клубови во кои Аргентинецот настапувал.