Роналдо постави нов светски рекорд и посочи: Успесите со Португалија секогаш ми се најмили

Кристијано Роналдо испиша уште една убава приказна со Португалија и стигна до третиот пехар на репрезентативно ниво, втор во Лига на нации. Со настапот во финалето против Шпанија, Роналдо постави уште еден рекорд. Тој е првиот човек кој има над 40 години, а играл во едно финале. Досега рекордот го држеше Лука Модриќ кој играше финале на 37 години и 282 дена.

По мечот, Роналдо не можеше да ги сокрие емоциите и солзите. Тој беше пресреќен што повторно освојува пехар со националниот тим.

„Многу сум среќен. По се тоа што го покажавме, ја заслуживме оваа титула. Да се освои трофеј со репрезентацијата е нешто специјално. Имам освоено многу пехари, но нема поубаво од победите и успесите со Португалија. Ова е победа за нашата нација. Мал народ сме, но со големи амбиции. Сум живеел на многу места, во многу земји, сум играл за многу клубови, но кога станува збор за Португалија, тогаш чувствата се посебни. Да се биде капитен на една ваква група на играчи е нешто специјално“, рече Роналдо.

Во финалето од Лига на нации, Португалија и Шпанија одиграа 2:2 по 90 минути игра, потоа немаше голови во продолжението, за да на крајот, на пенали се радуваше Португалија со 5:3.

- Оглас -

Најнови вести