Ѕвездата на Португалија, Кристијано Роналдо, за првпат во својата кариера не постигна гол во групната фаза на голем турнир. 39-годишниот напаѓач беше стартер во сите три натпревари на „морепловците” досега, но не успеа да се запише во листата на стрелците, освен што забележа асистенција за еден од головите при победата од 3-0 над Турција.
Во своите претходни 10 учества на светски и на европски првенства, Кристијано неодминливо постигнуваше голови во групната фаза. Неговата серија започна на ЕВРО 2004, кога Португалија беше домаќин и стигна до финалето, но загуби од Грција. Роналдо е без гол на четири последовни натпревари на Европско првенство – нешто што не му се случило досега.
Вчерашниот пораз од Грузија (0-2) е прв за Португалија под водство на селекторот Роберто Мартинес. Шпанскиот стручњак застана на кормилото на селекцијата во јануари 2023 година.
Во осминафиналето на ЕВРО 2024, Португалија ќе се соочи со Словенија.