Кристијано Роналдо, напаѓачот на Јувентус, стана првиот фудбалер (откако победите се вреднуваат со три бода, а тоа е од сезоната 1994/95 наваму) кој дал гол на осум гостувања по ред во италијанската Серија А.
На последните осум гостувања во мечеви од италијанскиот шампионат, Португалецот има постигнато девет гола. По еден гол даде на гостувањата кај Лацио, Аталанта, Торино, Фиорентина, Милан, Удинезе и Фрозиноне, а два гола даде кај Емполи.
Сега пред Роналдо е нов предизвик, а тоа е да се обиде да го стигне подвигот на легендата на Лацио, Џузепе Сињори, кој во периодот од мај 1992 до февруари 1993 година во Серија А даваше барем по еден гол дури на 10 гостувања по ред.
Роналдо има прилика да стане првиот член на Јуве по Алесандро дел Пјеро кој бил прв стрелец во италијанската лига на крајот на сезона.