Роналдо прв пат во кариерата загуби две финалиња по ред

Додека Елиф Елмас и останатите играчи на Наполи се радуваа на трофејот во Купот на Италија, Кристијано Роналдо тажно гледаше како противниците се радуваат. Дуелот меѓу Наполи и Јувентус заврши 0:0 во регуларниот дел, па веднаш се шутираа пенали. Во пенал-рулетот, Наполи беше подобар и славеше со 4:2. Роналдо воопшто немаше можност да го шутне својот пенал затоа што претходно двајца негови соиграчи утнаа, а играчите на Наполи беа перфектни.

По овој пораз, Роналдо за првпат во кариерата двапати по ред почувствува како е да се губи во финале. Пред неколку месеци Јувентус го загуби Суперкупот на Италија откако загуби со 3:1, а сега од рацете им избега и трофејот во Купот.

Португалецот втора сезона по ред само сонува за овој трофеј затоа што Јувентус лани беше елиминиран во четвртфиналето. Интересно е што пред да пристигне Роналдо во Торино, Јувентус четири сезони по ред го освојуваше Купот на Италија. Кристијано има договор со Старата дама до 2022 година, што значи дека има уште две шанси да се запише меѓу освојувачите на овој пехар.

Претходно како играч на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, Роналдо никогаш немал загубено две финалиња по ред.

 

- Оглас -

Најнови вести