Кристијано Роналдо им соопштил на челниците на Ал Наср дека има намера кариерата да ја заврши во редовите на овој клуб. Според актуелниот договор, Роналдо со Ал Наср има договор до јуни 2025 година, а тоа би било и датумот кога Португалецот ќе реши да ги закачи копачките на клин. Медиумите во Саудиска Арабија пишуваат дека Роналдо веќе одлучил Ал Наср да биде неговиот последен клуб. Во јуни 2025 година, Роналдо веќе ќе има наполнето 40 години.
На синоќешниот дуел против Ал Ахли, Роналдо уште еднаш потврди дека е во одлична форма и постигна два гола во победата од 4:3.
„Сакам да постигнувам голови и да победувам. Сакам да го правам ова додека нозете не ми кажат дека е доста. Многумина зборат дека Роналдо е готов, но јас постојано им докажувам дека не е така. Уживам во фудбалот и најважно ми е мојот тим да победува. Саудиска Арабија е прекрасна земја и среќен сум што сум тука помеѓу овие големи луѓе. Фудбалот во Саудиска Арабија оди кон врвот. Лигата е се подобра и подобра. Саудијците го заслужуваат само најдоброто бидејќи тоа се прекрасни луѓе“, рече Роналдо