Кристијано Роналдо во изминативе 20 години постави голем број на рекорди кои тешко дека во скоро време ќе бидат достигнати во светски рамки. Португалецот секогаш има амбиција за нешто недостижно, па така и неговиот нов план кој се однесува на репрезентативно ниво е зачудувачки.
Според пишувањата, Роналдо сака да игра до својата 41 година, за да може да учествува и на Светското првенство во САД, Канада и Мексико кое ќе се игра во 2026 година. Доколку успее во тоа, Роналдо ќе треба да стигне до шестиот настап на Мундијалот, нешто што не му успеало на ниту еден друг фудбалер досега.
Роналдо треба прво со Португалија да обебзеди настап на планетарниот собир во Катар следната година, а неговата селекција е со реални шанси да игра на завршницата на тој Мундијал. Ако игра во Катар, Роналдо ќе се израмни со легендарниот Германец Лотар Матеус, како и Мексиканците Рафаел Маркес и Антонио Карбахал кои имаат по пет учества на СП. Во Катар треба и Лионел Меси по петти пат да биде дел од Светските првенства, но Аргентинецот најави дека не планира да биде дел од Гаучосите по завршување на СП 2022 година.
За разлика од Меси, амбицијата на Роналдо е друга. Португалецот со репрезентацијата прв пат беше дел од Мундијалите во 2006 година, а потоа ја предводеше селекцијата и на СП 2010, СП 2014 и СП 2018 година. Роналдо веќе е светски рекордер по бројот на голови во репрезентативниот дрес. Досега има 115 погодоци во 182 средби за Португалија.