Легендарниот бразилски фудбалер Роналдо Назарио да Лима објави дека се повлекува од трката за претседател на Фудбалската федерација на неговата земја откако не успеа да собере доволно поддршка од регионалните федерации за да ја претстави својата кандидатура.
„Феноменот“ Роналдо, кој има 48 години, е двократен светски шампион, освои и Златна топка за најдобр светски фудбалер, а во декември ја објави својата намера да се кандидира за претседател, во обид да го „врати престижот и почитта што Бразил отсекогаш ги имал“.
Но, поранешниот напаѓач на Барселона, Интер и Реал Мадрид дојде до заклучок дека нема да може да му се спротивстави на актуелниот претседател Едналдо Родригес, кој има поддршка речиси од сите кои се со право на глас.
„Во мојот прв контакт со 27-те регионални федерации наидов на 23 затворени врати. Ако мнозинството од луѓето кои носат одлуки веруваат дека бразилскиот фудбал е во добри раце, не е важно моето мислење“, порача Роналдо.
„Федерациите одбија да ме прифатат врз основа на нивното задоволство од сегашната администрација и поддршка за реизборот на Родригес. Не бев во можност да го претставам мојот проект, да ги поставам моите идеи. Немаше желба за дијалог. Федерациите имаат најмногу гласови, јасно е дека тие го поддржуваат претседателот и јас го почитувам тоа, нивно право е, без разлика дали се согласувам со тоа“, објаснува еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња.
На изборите право на глас имаат 27-те регионални федерации, секоја има по три гласа, додека 20-те клубови од елитната Серија А добиваат по два гласа, а 20-те второлигаши во Серија Б по еден глас.
Се очекува Родригес да биде единствениот кандидат на изборите следната година.