Роналдо доаѓа на „Бернабеу“! Ќе гледа Ривер – Бока заедно со Меси
Португалецот и Аргентинецот од „ВИП“ собата на „Сантијаго Бернабеу“ ќе го проследат финалето на Либертадорес купот.

Ѕвездата на Јувентус, Кристијано Роналдо, ќе се врати во Мадрид за првпат по неговата преселба од редовите на Реал во Торино. Португалецот ќе присуствува на реванш-средбата од финалето на Либертадорес купот помеѓу Ривер плате и Бока јуниорс, мечот кој ќе се одигра на „Сантијаго Бернабеу“ на деветти декември.
Како што најавуваат шпанските медиуми, на Роналдо ќе му се придружи и Лео Меси, па и двајцата ќе го проследат големото дерби од „ВИП“ собата на „Бернабеу“.
Роналдо во петок со неговиот Јувентус го пречекува Интер, во големото дерби од 15-тото коло во Серија А, додека Меси ден подоцна со Барса гостува во предградието кај Еспањол, градското дерби во рамките од 15-тото коло во Ла Лига.
И двајцата ќе бидат слободни за големото финале на Јужна Америка, кое неколку пати се презакажа, а подоцна и се премести надвор од Аргентина поради немирите во Буенос Аирес кои ги направија навивачите на Ривер. Мадрид и „Бернабеу“ се сметаат за идеално место да се одржи тој меч.