За Кристијано Роналдо, Светското првенство во Катар може да е последна шанса да стигне до тронот, но Португалија уште нема обезбедно ни сигурен настап на Мундијалот. Португалците утре во Порто ќе играат против нашата репрезентација, а Роналдо на прес-конференцијата беше оптимист.
„Утре е финале за нас и подготвени сме. Дали сме фаворити? Јас себеси секогаш се сметам за фаворит, без разлика дали играм на гости или дома. Знаеме дека победа ќе значи дека сме на Светско првенство. Имаме голема одговорност да го добиеме овој меч“, рече Роналдо.
Кристијано е свесен дека Македонија направи големи изненадувања, но убеден е дека на Драгао нема да има изненадувања.
„Изненадија на многу натпревари, но убеден сум дека нас нема да нè изненадат. Португалија ќе победи и ќе игра на Светското првенство. Мундијалот едноставно не може да биде без Португалија“, заклучи Роналдо.