Кристијано Роналдо во вторникот присуствуваше на гала вечерта Portugal Football Globes, каде што беше награден со специјална награда и повторно ја покажа страста и амбицијата кои и понатаму го движат — и во националниот тим, и во Ал-Наср. Четириесетгодишниот капитен на Португалија зборуваше смирено за сегашноста, за иднината и за задоволството што сè уште го чувствува кога ја претставува својата земја, која се стреми да обезбеди пласман на следното Светско првенство.
„Мора да размислуваме за сегашноста, натпревар по натпревар. Очигледно, нашата цел е да одиме на Светското првенство во 2026 година и да го освоиме, но треба да пристапуваме кон сè чекор по чекор. Сега имаме два натпревари и, како што рече селекторот Роберто Мартинес, мора да уживаме во моментот. Играме дома, пред нашата публика, и знаеме дека кога играме дома, навистина сме силни“, изјави Роналдо.
„За мене е чест да играм за националниот тим. Секогаш ја чувствувам поддршката од Португалците, без разлика дали натпреварот оди добро или не – тие секогаш се со нас. Сигурен сум дека следните натпревари ќе завршат добро и дека ќе се пласираме на Светското првенство“, сподели славниот Португалец.
Во врска со наградата што ја доби, тој нагласи дека не ја гледа како симбол на збогување.
„Ова не е награда за крај на кариерата. Ја гледам како признание за годините полни со труд, посветеност и амбиција. Сакам да победувам, да им помагам на младите генерации. И тие ми помагаат мене, ме мотивираат да го задржам нивото и да продолжам да се натпреварувам. Тоа ме движи: натпреварувањето со помладите. Сè уште имам страст кон ова“, рече напаѓачот.
„Луѓето, особено од моето семејство, ми велат: ‘Време е да запреш. Веќе постигна сè. Зошто сакаш да постигнеш илјада голови?’ Но, јас не размислувам така. Верувам дека сè уште правам добри работи, дека му помагам на мојот клуб и на националниот тим – па зошто да не продолжам? Сигурен сум дека кога ќе завршам, ќе си заминам задоволен затоа што сум дал сè од себе. Знам дека немам многу години пред мене, но тие што ми остануваат, сакам максимално да ги уживам“, увери Роналдо.
„Ако беше пред 20 години, ќе одговорев дека сакам да ‘го изедам светот’. Сега не гледам така на работите. Возраста ти овозможува да размислуваш поинаку. Моето мото е да живеам ден по ден. Сè поминува многу брзо, сè се менува и не можеш да правиш долгорочни планови. Сега правам краткорочни планови, така е повозбудливо, дава поголема желба за живот. Тоа се обидувам да го правам: да уживам во секој ден, тренинг по тренинг, натпревар по натпревар“, заклучи тој.