Португалија со максимални шест бода ја заврши оваа прва фаза во Лигата на нациите откако славеше во двата меча. Иако ветеран, Кристијано Роналдо уште е лидер на Португалија, а тоа посебно го потврди на дуелот против Шкотска, кога го даде голот за победа од 2:1.
Со тој гол против Шкотска, Роналдо помести уште еден рекорд. Тоа е 132-ри погодок за Роналдо во репрезентативната кариера, а првпат се израдува на гол против Шкотска. Тоа беше дури 48-ма различна репрезентација на која Роналдо ѝ дава гол во дресот на Португалија, што е апсолутен рекорд. Ниту еден друг фудбалер не е ни блиску до овој рекорд на Португалецот.
Низ репрезентативната кариерата, Роналдо најмногу погодоци има дадено во дуелите со Луксембург, дури 11. Против Шведска погодил седум пати, а по шест гола има постигнато во дуелите со Унгарија и Андора. Интересно е дека Роналдо има играно и против Македонија, но нема погодено ниту еднаш против нашиот национален тим.