Роналдо со нов јубилеј, стигна до 100 победи со португалската репрезентација

Кристијано Роналдо влезе во второто полувреме и даде еден гол во убедливата победа на Португалија со 7:0 против Андора, во пријателски меч. Уште пред почетокот на дуелот, јасно беше дека актуелниот европски првак ќе се радува, а единствена енигма беше резултатот. На крајот Андора си замина со седум голови во својата мрежа.

Иако одигра само 45 минути, тоа беше доволно за Роналдо да прослави уште еден голем јубилеј. Капитенот на Португалија стигна до јубилејната 100-та победа во репрезентативниот дрес, што дефинитивно е постигнување за почит. Кристијано даде и еден гол и сега има вкупно 102 погодоци за националната селекција.

За разлика од Роналдо, селекторот на Холандија, Франк де Бур, постави неславен рекорд затоа што стана првиот селектор на Лалињата што во првите четири меча како предводник од клупата не победил ниту еднаш. Холандија вечерва на свој терен одигра само 1:1 во дербито против Шпанија.

Во останатите мечеви кои се играа вечерва: Данска – Шведска 2:0, Луксембург – Австрија 0:3, Белгија – Швајцарија 2:1, Италија – Естонија 4:0, Германија – Чешка 1:0, Полска – Украина 2:0, Словенија – Азербејџан 0:0.

 

- Оглас -

Најнови вести