Роналдо со совет до Анчелоти и Мбапе: Тоа не е негова позиција, да бев во Реал ќе го научев!

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, одлучи Килијан Мбапе да биде централен напаѓач, тоа е предмет на многу дебати, а сега се вклучи и Кристијано Роналдо.

Мбапе во последниве месеци ја подобри формата, но јасно е дека подобро се снаоѓа на левата страна како крило, кога го нема Винисиус на терен. Тоа може да се каже и за Родриго, кој принудно игра како десно крило, а најопасен е од другата страна, која е „резервирана“ за Винисиус.

Роналдо, кој е прв стрелец во историјата на Реал, играше по левата страна и најчесто покрај него имаше класична деветка од типот на Бензема.

„Многу го сакам, не само поради приказната дека како дете многу ме сакал и сум му бил идол. Позицијата како централен напаѓач ја прави ситуацијата малку комплицирана за Мбапе бидејќи тој не знае како да игра како напаѓач според мене… Не е дека не знае, туку тоа не е негова позиција“, изјави Кристијано.

Португалецот смета дека Французинот ќе мора да се прилагоди ако сака да успее.

„Да бев во Реал Мадрид, ќе го научев да игра како 9-ка. Затоа што и јас не бев напаѓач, но се навикнав да играм како напаѓач. Играв на страна како крило и луѓето го забораваат тоа, не бев класичен центарфор. Килијан не треба да биде типичен напаѓач. Да сум на негово место би играл повеќе или помалку како јас што играв во улога на напаѓач“, советува најдобриот стрелец во историјата на фудбалот.

- Оглас -

Најнови вести