Роналдо со уникатно постигнување, Пандев го следи

Кристијано Роналдо уште во првото коло од новата сезона во Серија А се запиша во листата на стрелците и покажа дека повторно ќе биде еден од предводниците на екипата. Со овој гол, Португалецот продолжи една уникатна низа. Дури 19 сезони по ред, Роналдо дава барем по еден првенствен гол за екипата во која настапува.

Оваа низа на Португалецот започна уште кога се докажуваше во дресот на Спортинг Лисабон и даде три погодоци во една сезона. Потоа Роналдо погодуваше и во шесте сезони додека го носеше дресот на Манчестер јунајтед (даде вкупно 84 првенствени погодоци). Следуваше трансфер во Реал Мадрид, каде што Кристијано помина девет успешни сезони и постигна вкупно 311 погодоци во Примера.

Откако направи трансфер во Јувентус, ова е негова трета сезона и досега има 53 погодоци за Старата дама во Серија А.

„Секогаш е добро кога ќе започнеш со победа! Одлично завршена работа“, беше реакцијата на Роналдо по дуелот со Сампдорија.

Освен Роналдо, во првото коло во Серија А погоди и капитенот на нашата репрезентација Горан Пандев. Популарниот Гоче е вистинска легенда на италијанскиот фудбал. Ова е 17-та сезона во Серија А во која успеа да се запише во листата на стрелците.

ДА НЕ БЕШЕ ГРЕШКАТА СО ТРАНСФЕРОТ ВО ГАЛАТАСАРАЈ, ПАНДЕВ СЕГА ЌЕ БЕШЕ РАМО ДО РАМО СО КРИСТИЈАНО

Низата на Пандев започна во дресот на матичниот клуб Беласица, кога даде шест гола во Прва лига во сезоната 2000/01. Потоа како тинејџер направи трансфер во Интер, па беше даден на позајмица во Специја и Анкона. Првиот гол во Серија А го постигна во сезоната 2003/04 како играч на Анкона.

Потоа направи трансфер во Лацио и во следните пет сезони постигна вкупно 48 погодоци. Во дресот на Интер помина две сезони и даде пет гола, во трите години поминати во Наполи се израдува на 19 првенствени погодоци. Во 2014 година, Пандев направи трансфер во Галатасарај и тоа му беше грешка во кариерата. Одигра само четири меча во турското првенство и ја прекина низата на погодоци.

Следната сезона повторно се врати во Серија А, и тоа во дресот на Џенова, а во 15 меча не даде гол во првенството, со што само се потврди дека имаше пад во кариерата кога замина во Турција и му требаше време да се врати на стариот колосек.

Сега ја игра шестата сезона како играч на Џенова, а вкупно има 22 погодоци. Вкупно 17 сезони Пандев е меѓу стрелците во првенствата во кои настапува, нешто со што може да се пофалат малкумина фудбалери во Европа.

- Оглас -

Најнови вести