21.8 C
Skopje
вторник, 15 јули 2025

Роналдо во 2003 за малку не заврши во Арсенал, а потоа му стана тим против кого ужива да дава голови

Арсенал на вечерашното гостување кај Манчестер јунајтед најмногу треба да се плаши од Кристијано Роналдо. Португалецот има интересна историја поврзана со Топчиите.

Арсен Венгер во едно интервју има кажано дека најмногу жали што во 2003 година не успеале да го ангажираат Роналдо во Арсенал. Биле на вечера во Лисабон, договорен бил трансферот од Спортинг во Арсенал, но наместо веднаш да го врзат, тие му дале време да размисли уште малку. Во меѓувреме, тогаш уште недокажаниот талент Кристијано доби понуда од Јунајтед и замина таму, а заборави на Арсенал.

Додека играше за Црвените ѓаволи од 2004 до 2009 година, Роналдо честопати влегуваше во конфликт на мечевите со Топчиите. Како да сакаше да им се одмазди, секогаш е екстра мотивиран против нив. Кристијано има 6 гола против Арсенал, но само еден од нив е на „Олд Трафорд“, другите пет во Лондон, што му даваше прилика да ја провоцира публиката.

Последниот меч на Роналдо против Арсенал во 2009 година заврши 0-0. По 12 години, тој повторно ќе игра против клубот чиј член можеше да стане пред 18 години и којзнае како ќе му се одвиваше кариерата ако ја прифатеше таа понуда.

- Оглас -

Најнови вести