Манчестер јунајтед со три гола во второто полувреме успеа да направи пресврт на гостувањето кај Омонија и да слави со 1:3 во третото коло во Лигата на Европа.
Кипарскиот тим со голот на Ансарифард имаше водство по првиот дел, но Јунајтед направи целосен пресврт во второто полувреме. Прво Маркус Рашфорд во 53-тата минута го израмни резултатот, а победата на англискиот тим беше заверена благодарение на Марсијал и на вториот гол на Рашфорд. Омонија во финишот успеа да се избори за минимален пораз.
Најголемата ѕвезда на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо, ги одигра сите 90 минути, но не успеа да се запише во листата на стрелци иако имаше неколку одлични шанси. На крајот мораше да се задоволи со асистенција при третиот гол на Јунајтед.
Црвена ѕвезда оствари убедлив триумф од 4:1 против Ференцварош и дојде до првите бодови во Лигата на Европа. Канга постигна два гола, а по еден дадоа Митровиќ и Катаи за Црвено-белите, додека почесниот гол беше дело на Захаријасен.
Монако на најдобар начин ја искористи предноста од играч повеќе по исклучувањето на Макси Лопез и со 3:1 го совлада Трабзонспор. Македонскиот репрезентативец Енис Барди беше дел од првиот тим на Трабзонспор и играше до 82-рата минута.
Реал Сосиедад со два гола во второто полувреме, и тоа на Давид Силва и на Елустондо, славеше со 0:2 на гостувањето кај Шериф Тираспол.
Најубедлив триумф оствари ПСВ Ајндховен, кој со 1:5 како гостин го победи Цирих.