Легендарниот чешки фудбалер Томаш Росицки (44) минатата недела завршил во болница поради проблеми со срцето. Оваа вест ја потврдија од Спарта Прага, клубот каде што Росицки работи како спортски директор.
„Нашиот спортски директор Томаш Росицки неочекувано беше хоспитализиран на одделот за интензивна нега поради срцеви проблеми. Ниту Томаш, но ниту клубот нема да откриваат дополнителни детали. За среќа, операција не е потребна. Томаш, ја имаш целата наша поддршка. Сите мисли се со тебе“, стои во објавата на Спарта.
Потоа со реакција се јави и самиот Росицки.
„Како фудбалер, но и како спортски директор секогаш сум го давал најдоброто од себе. Не сум се штедел. Но, оваа ситуација ми покажа дека морам подобро да се грижам за себе. Лошите животни навики, недостатокот на телесни активности доведоа до вакво нешто“, рече Росицки, кој очекува целосно закрепнување.
Росицки 10 години беше капитен на репрезентацијата на Чешка, за која настапуваше од 2000 до 2016 година. За националниот тим имаше 105 настапи, а постигна 23 гола. На клупски план, кариерата ја започна и ја заврши во Спарта, а играше и за европските гиганти Арсенал и Борусија Дортмунд.