Рубен Аморим има време до следната репрезентативна пауза, која е на почетокот на октомври, за конечно да ги испорача очекуваните резултати во Манчестер јунајтед. Во спротивно, би можело да добие отказ, пишуваат британските медиуми.
И покрај лошите резултати, позицијата на тренерот на Манчестер јунајтед не беше сериозно загрозена бидејќи има силна поддршка од Џим Ретклиф, најголемиот поединечен акционер на клубот и прв човек на фудбалските операции. Ретклиф неколку пати нагласуваше дека португалскиот стратег е долгорочно решение и дека тој ќе го врати клубот на патеката на успехот.
Сепак, медиумите потсетуваат дека идентична ситуација имаше и на почетокот на минатата сезона со Ерик тен Хаг, кој доби отказ само по девет натпревари во новата сезона.
Пристигнувањето на скапите напаѓачки засилувања, Бењамин Шешко, Брајан Мбеумо, Матеус Куња, требаше да донесе пресврт, но по четири кола Јунајтед се наоѓа на 14-тото место во Премиер лигата само со четири бода. Ситуацијата дополнително ја влоши тешкиот пораз од 0-3 во градското дерби против Манчестер сити.
Сега Црвените ѓаволи имаат три клучни натпревари, во сабота го пречекуваат Челзи, една недела подоцна гостуваат кај Брентфорд, а на 4 октомври на „Олд Трафорд“ доаѓа Сандерленд, повратник во Премиер лигата. Овие натпревари би можеле да ја одредат судбината на Рубен Аморим.
Во меѓувреме, британските медиуми веќе шпекулираат за можните наследници. Меѓу имињата кои се споменуваат се менаџерот на Кристал палас, Австриецот Оливер Гласнер, поранешниот англиски селектор Герет Саутгејт, стратегот на Фулам, Португалецот Марко Силва, како и Андони Ираола, кој моментно го предводи Борнмут. Тука е и Унаи Емери, кој седи на клупата на Астон вила.