Претседателот на Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ), Луис Рубијалес, денеска одби да си поднесе оставка на вонредната седница на Федерацијата и експресно доби тужба за сексуално вознемирување.
Вчера сите шпански медиуми, повикувајќи се на анонимни извори во Федерацијата, објавија дека Рубијалес под притисок на јавноста, на шпанската влада и на фудбалските организаци, на денешната седница на РФЕФ ќе се повлече од функцијата.
„Нема да се повлечам, нема да се повлечам. Што направив? Поради еден краток заеднички бакнеж да се повлечам? Не, ќе се борам до крај“, беа зборовите на Рубијалес за време на говорот на вонредната седница на Федерацијата.
https://twitter.com/i/status/1695021573839974418
Женската репрезентација на Шпанија минатата недела во Сиднеј славеше во финалето на Светското првенство против Англија со 1:0, а Рубијалес на победничкиот подиум, пред камерите ја бакна во уста фудбалерката Џени Ермосо.
Неговиот потег наиде на голема осуда од јавноста, но и од шпанската влада на чело со премиерот Педро Санчес ,кои побараа одговорност од Рубијалес.
Откако на денешната седница одби да си поднесе оставка, експресно реагираше обвинителството во Мадрид, кое веднаш поднесе тужба против Луис Рубијалес за сексуално вознемирување, односно поради бакнежот со фудбалерката Ермосо.