Норвешкиот тенисер Каспер Руд триумфираше на АТП-турнирот во Сан Диего, откако во финалето без многу проблеми со 6:2, 6:0 го победи Британецот Камерон Нори.
За Руд ова е петта турнирска титула во 2021 година, а прва на тврда подлога. Со оваа победа, Норвежанецот стана првиот тенисер кој оваа година се радувал на пет турнири. Во 2021 година по четири трофеи освоија Новак Ѓоковиќ, Данил Медведев и Александер Зверев.
„Интересно е да се забележи дека сум освоил еден трофеј повеќе од Новак и Данил, но, секако, нивните трофеи се на многу позначајни турнири. Не би бил ништо против и јас да можам како Ѓоковиќ да се пофалам со три гренслем-титули и еден АТП 250 турнир во една сезона. Тоа сигурно е многу поимпресивно од моите пет трофеи, но јас сум задоволен со оствареното за 2021 година“, рече Руд.
Тенисерот кој има 22 години, до пред оваа сезона во кариерата имаше освоено само еден турнир, што значи дека годинава има драстичен напредок во неговата игра. Неговите успеси се гледаат и по АТП ранг-листата, каде што Руд моментно е на 10-тото место во светот, што е и негов најдобар пласман во кариерата.